ЛЕКЦИЈА 6: Техники за полесно читање
Учебниците, лектирите и списанијата се само дел од секојдневните задачи што ученикот со дислексија ќе треба да ги прочита. Дислексичарите генерално имаат проблеми со читањето, што може да им предизвика тешкотии во секојдневното живеење. Но, тоа не треба да обесхрабрува, бидејќи следните читачки стратегии можат да бидат од голема помош за учениците со дислексија.
Постојат три различни читачки техники, а тоа се:
- Техника за потрчување низ текстовите
- Техника за скенирање
- Техника за детално читање
Целта на читањето е да се добијат информации. Во зависност од тоа што е потребно ученикот да знае, не секогаш е потребно читање на секој збор од текстот. На пример, доколку сакате да пронајдете телефонски број во именикот, немате потреба да ги читате сите имиња што се напишани. Најверојатно само ќе ги скенирате имињата додека не го најдете името што го барате.
Техника за потрчување низ текстовите | Техника за скенирање | Техника за детално читање | |
Цел | Да се разбере главната поента | Да се пронајде специфичната информација | Да се чита внимателно и да се апсорбираат детаљи |
Пример | Читање списание | Прелистување каталог или именик | Читање прирачник со инструкции за употреба |
Резултат | Да се добие претстава за напишаната содржина | Пронаоѓање на специфичниот податок што се бара | Да се разберат деталите |
- Техника за потрчување низ текстовите
Целта на оваа техника е да се добие, односно сфати, главната идеја или поента. Оваа техника најчесто се применува кога се чита некое списание и сакате да добиете некоја информација, но не мора да го прочитате целиот текст. Корисен совет за оваа техника е ученикот да ја прочита првата и последната реченица од секој параграф. Овие реченици најчесто ја содржат поентата, а останатите реченици се фокусираат на деталите.
- Техника за скенирање
Разликата во оваа техника е тоа што барате конкретна, одредена информација, име или број, како што споменавме за телефонскиот именик. Всушност, дислексичарите се одлични во оваа техника бидејќи имаат развиено многу добра визуелна перцепција. Најчесто зборот или името што тие го бараат, секогаш се издвојува.
- Техника за детално читање
Ова е најтипичната техника за читање на која што нè учеле сите нас на училиште. Секогаш се чита секој збор од страницата, со цел да се разбере што писателот сака да пренесе до читачот. Како и да е, со користењето на техниката за потрчување низ текстот и техниката за скенирано читање ученикот со дислексија може значително да си го скрати деталното читање и да ги запомни само важните поенти или параграфи.