ЛЕКЦИЈА 2: Што претставува дислексијата?
Зборот дислексија потекнува од грчкиот збор ”dys” што значи тешкотија и “lexis” што значи јазик, или дислексија може да има значење “ тешкотии со зборови/јазик“. Дислексијата најдобро се опишува како комбинација од способности и тешкотии кои се однесуваат на процесот на учење во неколку области: читање, спелување, пишување и некогаш математиката. Брзината на процесирање, краткотрајната или работна меморија, смисолот за редослед, визуелната и аудитивната перцепција, говорниот јазик и моторичките вештини , честопати се вештини кои им недостасуваат на учениците со дислексија. Дислексијата не зависи од интелигенцијата, од социо-економските услови, ниту пак од начинот на подучување.
Причината за дислексија е слабост на мозокот на едно лице да ги испроцесира гласовите на еден јазик – да ги диференцира и да манипулира со нив, со што се јавува проблем да се разбере дека секој изговорен збор е составен од комбинација на гласови и тешкотија да се асоцираат букви со овие гласови. Дислексијата е состојба со невробиолошко потекло. Таа не е болест и не може медицински да се третира иако е наведена во медицинскиот прирачник (DSM) и иако многу земји инсистираат да биде дијагностицирана од медицински персонал. Дислексија може да се биде идентификувана само преку анализирањето на нивото на академски вештини на еден ученик – бројни компоненти на читањето и пишувањето (течност во читањето, разбирање на прочитаното, читање на зборови без смисла, спелување и друго) и фонолошки вештини (диференцијација, сегментација, блендирање на гласови).
Дислексијата не е предизвикана од лоши училиштата, не е предизвикана од лоша наставна практика ниту пак од несовесни родители или пак од тешки услови за живот во домашната средина. Овие фактори може да ги направат работите потешки за дете со дислексија, но никако не може да предизвикаат детето да развие дислексија.
Дислексијата е различност во функционирањето на мозокот, и со неа детето се раѓа. Овој вид на дислексија се нарекува развојна дислексија. Најголемиот број случаи на дислексија е развојни дислексии додека стекнатата дислексија (која се јавува како резултат на оштетување на мозокот или болест) е релативно ретка (Hodge, 2000).
Дислексијата не треба да се гледа како попреченост туку како различен стил на учење и различен начин на размислување. Востановениот образовен систем кој се применува во нашата држава не е соодветен за стилот на учење на учениците со дислексија. Токму затоа вие сте тие кои најмногу можете да им помогнете на учениците со дислексија полесно да го совладаат образовниот процес.