Чекор 1. Набљудување и евиденција
Вообичаено, наставниците се први кои идентификуваат дали ученикот има потешкотии, иако понекогаш тоа може да биде родителот/старателот кој прв изразува загриженост. Наставникот е првата карика при препознавањето на тешкотиите кај учениците кои неочекувано покажуваат знаци на отежнато читање и /или пишување. Во текот на секојдневните часови наставникот треба да го набљудува ученикот и да води евиденција за:
- Различно ниво на способности во различни области
- Разлики меѓу знаењето кое ученикот го покажува при усна и писмена проверка на знаењето
- Брзина и точност на одговорите при вербалните инструкции
- Точност при читањето
- Колку е течно читањето
- Брзината на читање
- Разбирање на прочитаното
- Обрасци на однесување
За лесно водење на евиденција за еден ученик, наставникот може да го користи формуларот за проценка која даден како дополнителен прилог (Анекс 1) кој можете да го преземете со кликање ТУКА.. Формуларот е во *PDF формат и истиот можете да го отпечатите за да го корстите при проценката на тешкотиите кај учениците.
Секако дека наставниците и стручните служби може да креираат сопствени формулари за проверка по примерот на приложениот формулар, кои би дале доволно информации поврзани со знаците на дислексијата. Многу е важно податоците во формуларот да овозможат добивање на јасна слика за видот на тешкотиите со кои се соочуваат учениците и кои треба да бидат предмет на набљудување во наредниот период.
Пополнувањето на формуларот на почетокот од учебната година (период на први проверки на знаењата на ученикот) ќе овозможи да се добие една општа слика за слабите и силни страни на ученикот, и за областите во кои треба да му се посвети на ученикот повеќе внимание и поддршка. Забележаните податоци ќе помогнат за креирање на соодветните техники на подучување.
Доколку наставникот забележи голем дел од знаците кои се погоре наведени, од голема корист е да направи интервју со ученикот со цел да добие повеќе информации, кои исто така треба да бидат забележани во формуларот за проверка.
Во следниот дел ќе го објасниме вториот чекор односно подготовката на интевју со ученикот.